Правото не познава чуда, текст на Данило Мандиќ

(објавен 23 Јуни, 2012 во Граѓански, бр. 8)

Цензурирање и уништување на уметнички (авторски) дела кои задираат во религиозни содржини не се невообичаени на ниту едно општество, дури и во оние демократски општества каде што слободата на изразување е основно загарaнтирано човеково право. Познатото уметничко  дело на Андреас Серано  фотографијата  Piss Christ (Уриниран Христос; (Из)мочан Христос) каде мало распетие е ставено  наводно во урината на уметникот, повеќе од две децении е предмет на дебати и напади од верските заедници чии чувства се навредени. Слични, ако не исти чувства беа неодамна навредени од страна на уметничкaта група ОПА со нивниот билборд „Солушн – ги чисти и најнедостапните површини!”, како дел од проектот на АРС АКТА на фестивалот Скопје Креатива во организација на Град Скопје и продуцентот Миодраг Костиќ. Истиот ден од неговото поставување, билбордот е уништен и веќе една седмица од исчезнувањето на уметничкото дело остануваме на шпекулации, а организаторите не излегуваат со изјава за изврешениот чин на „уништување на уметничко дело”. Но за разлика од случајот на Серано, каде од Сенатори на САД до различни христијански групи јавно и со физичко присуство го изкажуваат своето мислење, во случајот на ОПА таа јавност, група чии чувства се повредени, а и тие што го отстраниле делото останува мистерија. Со таа причина понатаму во текстот одговорните за отстранување во уметничкото дело ќе ги именувам како одговорни(те).

Незадоволството на групата граѓани е не само нивно право туку и нормална, прифатлива реакција и изразување на мислење за нешто, во овој случај уметничко дело, што вистински ги разбранило нивните чувства. Но прашањето е дали и кој е тој што има право да го преземе овој чин на отстранување на дело молчешкум, без или поточно противправна основа? Навистина интересно, самиот чин е извршен на начин кој коинцидира со феноменот кој самото уметничко дело го разработува – чудото на преку ноќ исчистена фреска, но во овој случај на преку ноќ „искинато платно”. Уште едно чудо?

Чинот на „исчезнување“ односно физичкото отстранување на делото остава белег каде што правото во своите различни форми се повикува т.е. себеповикува да детектира кој и под кои услови одреден субјект го сторил и согласно законот гласно да ја прочита одредбата која го регулира овој акт на „уништување на уметничко дело”.

Иако ја детектиравме фиктивната група на одговорни, на правото му е потребно физичко или правно лице кое учествувало, дало наредба и физички го отстранило делото од билбордот за да преземе директна акција. Во овој случај хипотетички дури и да претпоставиме дека самиот чин на одговорните го имаат направено за доброто на граѓаните и општата јавност, и дури и да има правна основа (а ја нема) за ваков чекор, начинот на кој што е спроведено, не известувајќи ги авторите и повторно истата општа јавност која наводно ја штити, не ги ослободува одговорните од одговорност т.е. оние кои што го наредиле и оние кои го извршиле самиот чин.

Но, правото е посебнo нехемиско средство кое додека ние граѓаните сме во исчекување на идентификација на одговорните кои ќе ја објаснат навредата и ќе се обидат да го оправдаат „чинот на уништување на уметничко дело” тоа не значи дека правото не може да делува во расчистување и разјаснување на оваа ноќна улична акција.

Уметничкото дело, како и другите авторски форми, имаат за цел да бидат изразени (изведени) јавно. Уметничкото дело ја добива својата инкарнација во моментот кога е презентирано на јавноста и во тој ист момент ја добива важноста да биде регулирана од правото. Но, регулирана не значи контролирана, па така правото треба да се сфати како услов и инструмент кој овозможува промоција, но и заштита на уметничкото дело (авторот), но исто така и на јавноста.

Пред сè, иако во текстот делото го именувам како уметничко, во контекст на правото и овој текст треба да биде сфатено како авторско дело. Правото не е овластено да коментира и оценува дали одредено авторско дело е уметност или не, па оттаму Законот за авторски права во членот 12 го дефинира авторското дело како „интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена на кој било начин и форма”. Независно дали делото е фотографија, дело од ликовната уметност, или дело од применета уметност и дизајн правото го признава и заштитува како авторско дело.

Законот за авторски права ги заштитува материјалните и моралните права на авторот. Во овој случај, повредени се моралните права кои имаат за цел да го заштитат авторот и делото, или како што Законот за авторски права во членот 21 наведува, авторската „лична и духовна (интелектуална) врска со делото.” Законот ги предвидува следните морални права од кои авторот не може да се откаже: право на признавање на авторството, право на прво објавување,  право на заштита на интегритетот на делото и право на откажување. Во дадениот случај правото на заштита на интегритетот на авторот и делото е кое одговорните директно го имаат повредено. Конкретно, Законот во Членот 24 предвидува:

„Авторот има право да се спротивстави на менување, деформирање или сакатење на делото што може да наштети на неговата личност, чест и углед, како и на уништување на делото.”

Иронично, но одговорните поради нивното чувство на навреденост, во овој случај атакуваат по духовното кое правото го препознава отелотворено од авторите во делото. Правото не познава чуда, но (пре)познава конкретни чувства.

Друга битна точка е тоа што за жал одговорните не се свесни, но во контекст на самиот закон тие не уништија плакат на билборд, туку оригиналното уметничко дело. Низ призмата на авторското право, тоа што формата на делото е печатена хартија за на билборд не ја намалува вредноста и важноста на делото. Понатаму, авторските права не се предмет на регистрација за да станат правно полноважни, туку со самото создавање тие се предмет на заштита. Дури и да претпоставиме дека правото на сопственост за делото се пренесени на Градот Скопје (за кој уметниците добиле одреден надомест или го поклониле на Градот Скопје), од нивните морални права согласно законот не можат да се откажат, т.е. не можат да ги пренесат дури и да има договор за пренос на авторските (сопственичките) права.

Понатаму, доколку препоставиме дека Градот Скопјe, организаторот, или дури и одговорните го имаат сопственичкото право врз делото, согласно Членот 11 ако сопственикот има намера да го уништи оригиналот „e должен таквиот оригинал (претходно) да му го понуди на авторот“.

Доколку одговорните јавно и аргументирано го кажаа своето мислење, доколку некаков јавен дијалог беше остварен, авторите во таа ситуација ќе имаа барем можност да го искористат со закон загарантираното право да го заштитат своето дело од уништување преку превземање на времени мерки кои би го заштитиле делото, или во даден случај, самоиницијативно ќе донесеа одлука да го тргнат билбордот за доброто на општата јавност.  Впрочем, ваков беше случајот со разголениот ’Прометеј’ на Т. Аџиевски од неодамна. Но, во овој случај барањето за заштитата повеќе не може да се бара бидејќи делото е уништено.

Претпоставувајќи дека изработка на делото е материјално поддржана од Град Скопје, настанатата материјална штета од уништувањето на делото не е ни предмет на дискусија, но тоа не значи дека авторите немаат основа за барање на надоместок на нематеријална штета. Уште повеќе, законот во својот Член 170 вели каде правото е „повредено со намера и крајна небрежност” авторите имаат основа за зголемен надоместок, што значи дека за правото е ирелевантно дали тие свесно или несвесно се предале на ваков чин. Правото не познава чуда па не застанува тука, авторските права уживаат и кривична заштита каде Кривичниот законик предивидува гонење за повреда на морално право кое се презема по приватна тужба (член 154).

Историски цензурата е позната како постојан контролор на креативните идеи изразени во форма на збор или слика. Уставот вели дека цензурата е целосно забранета, но тоа не значи дека правните механизми не цензурираат материјал кој може да биде дискриминаторен или поттикнува омраза. За оние кој го користат аргументот тоа дека слобода на изразување е потребна за развивање на едно општество, сепак принципот на слободно изразување не дава апсолутна слобода да се каже било што. Цензурата преку правниот диктум го заштитува општеството и го минимизира постоењето на неморални дела. Затоа, правото е форма преку која поимот за цензура добива некој вид на оправдување и се актуелизира. Бидејќи нема специфичен закон за „контрола на уметноста” правото преку своите механизми на авторски права, човековото право на слободно изразување го промовира и заштитува и уметникот и јавноста. Правото како бастион на општеството е тоа што ја регулира и контролира, истовремено и цензурата и уметничкото изразување и ги балансира поимите на слобода на изразување, естетски и морални вредности на општеството.

Јавната сфера е арена на спротивни погледи и вкусови кои се судираат. Групите на отпор, спонтано или не, се формираат поврзувајќи се на основа на морални и културни вредности, но сепак овие идеолошки и вредносни системи не се унифицирани морални вредности на едно општество. Францускиот социолог Пјер Бурдју (Pierre Bourdieu) детектира дека вкусот зависи од степенот на кулутура или како што тој го нарекува „културен капитал”, кој како квалитативен атрибут се разликува од човек до човек, од една социјална група од друга, на ист начин како и самиот капитал.

Oттука, делото на ОПА соодветно го поставува прашањето и повикува на дискусија за нашиот кулутрен капитал. Но, наместо поттикнување на дискусија во однос на овие системски вредности, со актот на отстранување на делото, очигледно не ни станува збор за дали содржината вистински повредува некои чувства, туку покажува можност и сила на одговорните да спроведуваат чинови кои се косат со правните регулативи и норми и си даваат за право да уништат и замолчат одредено размислување. Во суштина, одговорните ја атакувааат општата јавност.  Никој не ја оспорува можноста нечии чувства да бидат повредени, но недефинирани и неаргументирани ставови само го деградираат општеството. Дури и ако интензитетот на чувства е во рамките на „нормалните“ човекови реакции, афектираните јавни групи  и нивната колективана осуда не смее да добие правна сила, ако не е спроведена преку правото.

Балансот помеѓу слободно изразување и цензура во современите форми на изразување е постојан предизвик, кој што не може да биде решен со едно единствено средство. Токму и затоа постојат форми и канали на комуникација, каде различните прашања, вредности и согледувања ќе бидат доведени на ниво на јавна дебата и оттука ќе придонесат во (не)прифаќање и разбирање на тоа што е страно или „чудно“.

Уметничката група ОПА во својата јавна изјава вели дека целта на делото е да го критикува недостигот односно „целосно(то) отсуство на дискусија околу прашањата кои ги засегаат сите граѓани.” Всушност, и покрај сите овие извршени чинови и чуда, делото сепак успева да лоцира и воспостави дијалог, бидејќи одговорните со својот молк и извршен противправен чин се веќе дел од воспоставена комуникација. И не само нив, туку го мапира присуството и отсуството на јавноста или оние кои се или треба да се засегнати од овој чин на самоволие. И доколку во делото на ОПА беше повикано чудото на Св. Димитрија , за разлика од тоа чудо кое на ист начин во ноќните часови прочисти една површина, ова чудо на одговорните како заштитници на јавноста од неморални слики извалкаa една друга површина.  Но, во овој случај каде директно се оштетени нематеријалните, или како што самиот законик ги нарекува духовни или морални права, тие не можат да поминат не испитани, бидејќи правото во суштина не познава и уште поважно не признава чуда. Но истотака правото не зачнува преку чуда туку се остварува преку активно партиципирање на граѓаните.

Името на проектот Солушн – ги чисти и најнедостапните површини!  е транскрипција на англискиот збор solution, на македонски решениe кој уметниците верувам прецизно го избрале во однос на темата која ја работат. На крајот, делото всушност успева во својата цел и станува моќно средство бидејќи станува составен дел од акцијата за доаѓање до солуција, до решавање, разјаснување и објаснување на секојдневието на нашето општество. Поточно, ја дава можноста делото да стане дел од чистењето или расветлувањето на тоа која е таа моќ која надвисната над општеството е посилнa од правото. Ако ништо друго самото дело и нападот врз него успева да ги детектира недостапните места кои што понатаму сите ние сме должни да ги исчистиме. Со ризик да звучам идеалистички – правото е солуција која ги чисти и наjнедостапните места!

Минатата година делото на Андреас Серано беше неповратно уништено од христијанските протестанти во Колекцијата Ламберт, музеј на современа уметност во Авињон, Франција чија групна изложба беше наречена „Јас верувам во чуда” (Je crois aux miracles).

И додека правото не верува во чуда, јас верувам во чудото на правната држава.

 

Данило Мандиќ

Докторант по авторски права на Универзитетот Вестминстер, Лондон

(Овој текст не е ниту исцрпна правна анализа, ниту правен совет, туку лично гледиште на авторот)

10 thoughts on “Правото не познава чуда, текст на Данило Мандиќ

  1. saso says:

    Билбордот не е ниту уметност ниту креативен адвертајзинг. Овој билборд беше најобична глупост и кич.
    Според устав во Макаедонија е да се навредува и дискриминира по било која основа, па и по религиозна.
    Секуларноста на државата не подразбира и кршење на нечии права.

    • vedrana says:

      Se soglasuvam deka kolkavo shto e pravoto na umetnikot, tolkavo e i pravoto na vernikot!!!! Zashto takviot bilbord e deskriminacija po nekoja osnova!!! Iako simnuvanjeto na bilbordot e chuden akt!!! Sepak neshto mora da se pretrpi….

  2. avramovska says:

    Odlicen tekst. Ova e vistinskiot kontekst na slucuvanjata. Baravo Danilo!

  3. vedrana says:

    ne e apsolutno vistinskiot kontekst na sluchuvanjata! Ova e ednostran kontekst na sluchuvanjata!!!! No ima i druga strana koja mozhe da zboruva za prava, na nematerijalna “sopstvenost”.

  4. Darko says:

    Bravo za tekstot koj preku pravna analiza ja dolovuva kompleksnosta na problematikata (i voopsto ne e ednostran, bas naprotiv). Bi sakal samo da potenciram deka ova slucuvanje so bilboard-ot e samo odraz na sevkupnoto degradiranje na slobodata na izrazuvanje vo Makedonija. I da ne se folirame: nicii cuvstva nitu pak prava ne bile povredeni so postavuvanjeto na bilboard-ot. Mora da gradime opstestvo zasnovano na tolerancija, pa bi gi zamolil “duboko uvregenite i povredenite” ako moze da se vozdrzat i da istoleriraat nesto sto ne im se dopaga za utre da mozat so cist obraz da go baraat istoto za sebe.

  5. Do platenite braniteli na raznorazni prav ai cuvstva says:

    Za krsenje na koi verski prava zboruvate? Na onie vernici sto na plostad tepaa “nevernici”? Tesko nam ako vaka go razbirate pravoto i pravnata drzava!

  6. Roy Batty says:

    Правото не познава чуда но мотивацијата за создавање вакво дело е во доменот на чудесниот свет на инстант „уметници“ кои сакаат дрско да се подбиваат со неистомислениците и да си накалемат 68-машка аура во своето cv по брза постапка, толку брза што не успеале ни да си го регистрираат делото како интелектуална сопственост врз основа на која ќе можат подоцна да си ги бараат правата!

    …Наспроти еуфемизираната-лицемерна теза дека плакатот бил наместен за да се отвори јавна дебата околу чудото. Ма немој!

    Многу е јасно е дека креаторите на ова дело се впуштиле во пресметана игра на акција и реакција, свесни дека ќе има реакции од верниците а со тоа и уништување на делото како скандал во јавната сфера а од друга страна уметниците и нивните орбитери се орда која реагира на ура, во афект ќе се организираат протести, журки, ќе се создава анти-естаблишмент и анти-црковен сентимент а твитер, блогерајската и активистичката заедница ќе урлаат во слободарски занос….веќе видено!

    За на крај разно-разни експерти во колумни да глумат лудило низ легалистички шеми без да се постават клучните 2 прашања:

    1. Која е примарната мотивација/потреба/крајна цел на уметникот да создаде вакво „дело“?

    2. Зошто „делото“ не беше изложено во контекст на уметничките институции, музеи галерии каде дебатата ќе беше локализирана без непотребно провоцирање на јавноста?

  7. Марко says:

    Интересно е што не се знае на кој начин загрозените верници побарале отстранување на делото. Начинот и законот на којшто се повикале и институцијата на којашто се обратиле остануваат непознати. Исто како во случајот со Прометеј. Фантомски верници и фантомски женски организации бараат и добиваат цензурирање на конкретни уметнички дела.
    Трите врби во Вардар се уметничко дело, иако јавната дебата не одеше во насока на оспорување на нивната уметничка вредност, туку на износот на сумата што ќе се издвои од градскиот буџет. Сепак, ја видовме министерката за култура како го брани правото на уметникот да се изрази преку уметничкото дело (врбите во Вардар), додека во посочениве два случаја такво нешто отсуствуваше.
    На крајот, со билбордот, ниту личноста на Христос, па ниту христијанството во целина беа засегната, тој отсликуваше еден конкретен настаншто се случи во Македонија, оваа година, ситуација за којашто нема едногласие дури ни меѓу верниците.

  8. Batty-cudo nad cudata says:

    ovoj Rey Beety zivee vo nekoje fasisticko vreme? Pa i samata crkva na vremato bila golem mecena i zastitnik na umetnosta.Slobodata na izrazuvanjeto, avtorskoto i pravoto na slobodnoto mislenje se sveti i stolb na sekoje zdravo opstestvo. site sme dolzni da gi branime so site sili, vo sprotivno Gospod neka ni e napomos. odlicen tekst.
    P.S. Interesno kako vinata ja naoga samo kaj avtorite! A sto e so onie drugite?

  9. Roy Batty says:

    Гледам дека со неподнослива леснотија жонглирате со етикети како фашизам, фашистичко, фашизоидно…разбирам, во мода е и посилно е од вас, потребата социјално да се стратифицирате некако ви ги ги засенува индивидуалните капацитети….но тоа е ваша работа.
    Слободата на изразување и општо демократијата не подразбира една категорија на граѓани да се сере на глава на друга категорија на граѓани, исмевајќи еден поинаков животен дискурс само заради тоа што не го читале Фуко, Дерида, не доживувале оргазми од делата на Ворхол, Бојс, затоа што оперираат со поинакви референци од вашите, затоа што чувствува иронична супериорност над втората па ја провоцира од досада сурфајќи на веќе баналниот анти-грујо бран, затоа што пијат кафе во некој друг дел од градот….(еве го вашиот инхерентен тоталитаризам и фашизам за кој не сте свесни или не сте прочитале).

    Можеби не ви паднало на памет дека демократијата подразбира (и) правила на игра, конструктивна акција / комуникација но и дискреција која почитува разлики. Затоа беше поставено 2рото прашање во претходниот мој коментар.

    Кога сме кај етикетите, од фашизоидно би го одзел „фа“ за да ја опишам целава оваа обезглавена хистерија со ризик да бидам прогласен за ретрограден, вмровец, латасоид, грујоид…но и тоа е дел од модата, се нема избор :))

Leave a comment