“V”, Виница, 14.07.2012

„Јас не зборува. Јас дејствува“ (Фридрих Ниче, „Така зборуваше Заратустра“)

Книги на буниште. Тажен призор за градот. Со несебичната помош на неколку мои блиски пријатели, извршивме мала акција за нивно спасување. Но, остана прашањето – што потоа? Книгата не е за да седи во складиште туку нејзините богатства треба да прејдат од рака во рака, да бидат споделени, зборот да биде расфрлан како семка во нива… По идеја на иницијативата Кооперација, сега имаме прилика да им понудиме на сите заинтересирани и љубопитни еден навистина оригинален начин како да си ја збогатат својата лична библиотека учествувајќи во создавањето на едно скулптурално дело. Спојот на ликовната инсталација и слободната распределба на книгите преку партиципација на публиката во скулптурата како жива и флуктуирачка материја е уникатен и возбудлив чин на премостувањето на јазот помеѓу Зборот и Делото.

Би сакал да ја искористам оваа прилика посветувајќи ја оваа благородна акција на мојот другар Мартин Стоименов, во чиј дом ја правиме оваа изложба, а кој почина на 05.06.2010 година. За да се разбере неговиот живот и контекстот во кој живееше, ја препорачувам кратката новела на Г. Г. Маркес, „Хроника за една најавена смрт“. Мартин сите ќе го паметат како добар пријател, луциден забавувач и непресушен извор на безгрижна позитивна енергија.

Упатувам благодарност до сите оние кои помогнаа во реализацијата на оваа акција – некои како членови на ОЗТ ФАБРИКА, а другите како наши драги пријатели: Јордан Милев, Дејан Јефремов, Кристијан Стојменов, Деспина Костадинова, Даниел Богданов.

Благодарност до Славица Стоименова за отстапениот простор.

Кирил Арсов

Leave a comment